Тип на донација
Сума

или

СОВЕТУВАЊА ЗА ЈАКНЕЊЕ НА СЕМЕЈСТВА

На 21 и 22 март 2023 година, во Советувалиштето Шуто Оризари, организиравме завршни прослави со семејствата кои учествуваа на циклуси од 14 групни советувања за „Јакнење на семејства“. Прославивме со вкупно 18 родители и 22 деца на возраст од 6 до 16 години, кои беа учесници на советувањата во период од 4 месеци, со динамика од еднаш седмично.

Горди сме што активно учествуваа 16 семејства. На завршните средби, со цел прослава и „дипломирање“,  организиравме заеднички настани на кои на родителите и децата учесници им беа доделени дипломи за редовно и активно учество, а 5 семејства беа наградени за најредовно и најактивно учество.

Во текот на сесиите сите почувствувавме различни емоции – радост, тага, збунетост и слично. Но, на последната сесија бевме позитивно изненадени од изјавите на родителите и децата.

Изјави на родителите: „Од вас научив да бидам смирена, порано многу се нервирав и избувнував. Сега знам да зборувам со децата на поубав начин“; „Кај мене има голема промена, порано децата ги прекинував кога зборуваа, сега ги слушам“; „Јас секогаш последна си одев, од што ми беше убаво да учам и да се дружам“; „Среќна сум што моите деца пак се редовни во школо и не се тепаат“; „Од се што добивме кај вас, вашиот совет е најважен и највреден“.

Изјави на децата: „Многу ми беше убаво, игравме разни игри и имавме интересни вежби“; „Се дружев и научив дека е штетно да пушиме цигари“; „Се беше поучно и забавно, многу внимание добивме од вас“; „Научив како да му кажам на некого критика, без да го навредам“.

Децата учесници се претставија себеси преку различни креативни изведби (музички точки, цртежи, кулинарски вештини). Се поздравивме со взаемна благодарност за заедничката дружба и со убави желби и позитивни пораки.

Годишен настан за доделување на признание на најголемите донатори и поддржувачи на СОС Детско село ЕДНО СЕМЕЈСТВО 2023

Настанот претставува годишна церемонија за благодарност на солидарноста и поддршката на корпоративните и индивидуалните донатори на СОС Детско село во 2022 година.

Настанот го отвори почесениот говорниик и покровител на настанот: г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска прва дама на РСМ. Домаќини говорници беа Национален Директор г-ѓа Јулијана Накова Гапо и претседателот на УО на СОС Детско село д-р Александар Трајковски.

Вистинска привилегија е што и нашата мала држава преку СОС Детско Село е дел од големото интернационално семејство, кое повеќе од 70 години во 136 земји во светот работи и е посветено на помош и поддршка на најранливите – децата и младите без родителска грижа.

За секојдневната борба да се успее и да се биде тука за овие деца и млади, згрижувачите и родителите кои имаат потреба од поддршка, од исклучителна важност е целата заедницата на корпоративни и индивидуални донатори.

 

СОС Детско село изрази Голема благодарност до компаниите Алкалоид АД Скопје, Нептун македонија, Флек Кредит, Осигурување Македонија, Пивара Скопје кои добија Статуетка за Најголем корпоративен донатор во 2022 година. Статуетка за најголеми партнери за поттикнување на донаторството во 2022 година добија Веро Маркети, ЈП Водовод и канализација-Скопје и Ракометна Федерација на Македонија.

Статуетка за најголеми донатори за донации во добра 2022 добија Microsoft Македонија, Гранит АД Скопје и Окта АД Скопје.

 

Покрај овие признанија уште голем број на компании и индивидуалци добија плакети и благодарници за поддршката и кампањите со помагаат да се одржува и зајакнува мисијата на СОС Детско село, ТОПОЛ ДОМ И ЉУБОВ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ

 

Eдукативна работилница за дигитално насилство по повод Интернационалниот ден на Жената

По повод Интернационалниот ден на Жената, СОС Детско Село одржа едукативна работилница за дигитално насилство, со цел подигнување на свеста кај младите девојки и заштита од родово базирано насилство. Диспропорционалната засегнатост на жените со феноменот на родово базирано насилство во физичкиот свет се прелеа и во дигиталниот простор.

Истото најчесто се манифестира преку изложување на вознемирувачка или потенцијално штетна содржина на веб-локации и онлајн форуми и блогови, развој на виртуелни мрежи на поединци чиј главен интерес лежи во сексуална злоупотреба или трговија со луѓе и други форми на експлоатација и зголемено производство и дистрибуција на слики и материјали за сексуална злоупотреба.

Исто така, на овој ден Згрижувачите, си го честитаа овој ден меѓусебно и се охрабрија во однос на женските права, дигнитет и самостојност и како мајки, жени, сопруги. Благодарност за нивната посветеност и одговорната работа и грижата за деца. Нека им е честит денот на жените 8ми Март!

 

 

 

ШПАРКАСЕ БАНКА СО МОЖНОСТ ЗА ИНДИВИДУАЛНИ ДОНАЦИИ ЗА СОС ДЕТСКО СЕЛО ПРЕКУ МОБИЛНО БАНКАРСТВО

Во рамките на долгогодишната соработка помеѓу Шпаркасе Банка и СОС Детско село, а со цел подобрување на квалитетот на животот на децата без родителска грижа поддржани од СОС Детско село, Банката отсега им нуди на сите заинтересирани клиенти – корисници на мобилното банкарство на Шпаркасе Банка, можност за индивидуални донации.

Имено, покрај низата досегашни заеднички активности и редовната парична донација од страна на Банката и од вработените на годишно ниво, Шпаркасе Банка отсега им овозможува на своите клиенти да донираат парични средства, така што ќе уплаќаат донации без провизија, користејќи предефиниран терк, поставен во Режиски трошоци на мобилната апликација S- Banka.

Овој чекор е проширување на идејата за индивидуално филантропство што Шпаркасе Банка ја поттикна и ја негува, давајќи личен пример со индивидуални донации од своите вработени кон СОС Детско село, веќе 10-та година по ред.

Негувајќи корпоративна и индивидуална филантропија, банката активно придонесува за подигнување на свеста за важноста на водење грижа за социјално ранливи категории, градејќи силни врски на доверба и поддршка со оние на кои им е најпотребно.

Шпаркасе Банка ја изразува својата верба во заедницата и ги поттикнува сите свои клиенти да бидат дел од градење заедничка култура на солидарност и поврзување.

Со донирање за СОС Детско село преку мобилно банкарство, донирате за повеќе детски насмевки, топол дом и љубов за секое дете.

Веро со своите потрошувачи обезбедиja 11.000 евра за СОС Детско село преку донаторската акција „Заокружи сметка“

Поттикнувајќи го индивидуалното донаторство со личен пример, компанијата Веро ја предаде сумата од 675.098 денари (околу 11.000 евра) на СОС Детско село, обезбедени во рамки на донаторската акција „Заокружи сметка“. Како и претходните години, Веро и оваа година ја организираше оваа акција во сите свои маркети со цел да им пружи поддршка на децата без родителска грижа и да им обезбеди подобра иднина.

Донаторската акција „Заокружи сметка“ траеше од 1 декември 2022 година до 15 јануари 2023. Во овој период, сите потрошувачи во Веро маркетите при плаќањето на каса имаа можност да ја „заокружат сметката“ на некој повисок износ по личен избор. Со тоа, разликата од износот на пазарувањето и сумата на која одлучиле да ја заокружат сметката беше наменета за хуманитарна цел, односно за СОС Детско село. Исто како и во изминатите години, потрошувачите на Веро ги отворија срцата за децата без родителска грижа и во голем број се приклучија во акцијата, донирајќи средства за хуманата цел.       

Донацијата за СОС Детско село ја предаде Милана Петковски, маркетинг-директор на Веро, која го истакна задоволството од успешно реализираната донаторска акција во која најголеми победници се децата без родителска грижа, но и целата општествена заедница.

Нашата цел во кампањата „Заокружи сметка“ не е само да собереме средства што ќе ги донираме, туку и да влијаеме врз свеста на заедницата за големото значење на секоја индивидуална акција. Се водиме од мотото дека она што за некого е малку, за друг значи многу. Кога индивидуалните активности ќе се спојат во една заедничка рамка, прават значајни промени во општеството. Веро е докажан партнер на СОС Детско село и нашата соработка ќе продолжи и во иднина со цел на децата без родителска грижа да им овозможиме подобра иднина и многу насмевки на нивните лица – рече Петковски.

Претставниците на СОС Детско село истакнаа дека градењето вредносен систем на секоја личност е процес кој најлесно се учи преку позитивни примери кои се случуваат во најблиското опкружување.

– Веро е исклучително важна алка во овој процес бидејќи веќе две години по ред ги потсетува своите потрошувачи за важноста на споделувањето и добрувањето. Им се заблагодаруваме на сите вработени во Веро маркетите кои беа дел од оваа кампања и придонесоа повикот да се сподели до сите купувачи. Голема благодарност и до менаџментот на Веро маркетите кој секогаш е отворен за имплементација на иновативни кампањи за развој на филантропијата и поддршка на ранливите категории. Посебна благодарност до сите потрошувачи во Веро кои за време на новогодишниот период ја заокружија сметката и овозможија да се обезбедат финансиски средства за да може СОС Детско село да продолжи со мисијата: Топол дом и љубов за секое дете – рече Рахела Евтимова, експерт за развој на корпоративни партнерства во СОС Детско село.

Како општествено одговорна компанија која се грижи за најранливите категории граѓани, Веро во текот на годината организира различни хуманитарни акции кои се наменети за децата згрижени во СОС Детско село. Покрај овие акции, Веро соработува и со компанијата „Пакомак“ која постави повратни вендинг апарати за рециклирање во повеќе Веро маркети, со што компанијата влијае врз свеста на граѓаните за здравата животна средина и придонесува за поголема грижа за околината.

Ти летуваш, ЈК ТРАВЕЛ донира за СОС Детско Село

Од секој уплатен аранжман ќе бидат донирани средства во СОС Детско село за децата кои се поддржани од оваа организација да имаат поквалитетен живот, потенцираа од Агенцијата ЈК Травел кои денес официјално го потпишаа договорот со СОС Детско село за кампањата „Ти летуваш, ЈК Травел донира“ која ќе трае до 22 јуни 2023 година.

“Секоја донација за нас е важна и потребна за обезбедување на квалитетна грижа и поддршка на 460 деца и млади без родителска грижа. Партнерството и соработката со ЈК Травел е показател за агенција со визија за општествена одговорност, така што сите средства ќе бидат  наменети за потребите на децата, а сите одвоени средства со купувањето на летен аранжман во Агенцијата, кај нас менува животи.”- велат од СОС Детско село.

Кампањата ќе трае до 22 јуни годинава, а ЈК Травел планира да организира и тим билдинг заедно за вработените и со децата, засадување на дрвја и уште многу други заеднички активности, бидејќи според нив секој детски сон заслужува да се оствари.

– Навистина сме среќни како туристичка агенција што започнавме со кампањата и години наназад сме општествено одговорни. Токму со оваа кампања сакаме да бидеме пример и за останатите компании секогаш да им даваме поддршка на оние кои им е најпотребно. Со кампањата сакаме да ги поттикнеме вистинските вредности кај луѓето, колку е важна вистинската грижа за другите, во овој случај поточно грижата на децата и младите без родители и родителска грижа да имаат топол дом, да растат во семејство, да бидат среќни, да имаат среќно и безгрижно детство, така што ајде заедно да го сториме тоа преку „Ти летуваш, ЈК Травел донира“, потенцираат од туристичката агенција.

 

СОС Детско село веќе 20 години е посветено на грижа на деца и млади без родители и родителска грижа, од таму и потребата на ЈК Травел се вклучија за да ги поддржат.

 

Човечноста и хуманоста како победници

„Ви благодариме од срце! 460 деца и млади без родителска грижа растат во семејство благодарение на вас“ – пишува на врамениот дрес кој СОС Детско село го подари на Ракометната федерација на Македонија по повод примо-предавањето на донацијата.

Вкупниот износ кој е собран од продажбата на билети за хуманитарниот ракометно музички спектакл одржан на 3 јануари 2023 година во организација на РФМ, изнесува 1,372,550 денари, која сума ќе биде донирана на СОС Детско село.

Трошоците за реализација на настанот, покриeни се од страна на Ракометната Федерација на Македонија и нејзините спонзори. Посебна благодарност во оваа насока, Македонската куќа на ракометот, би сакала да упати до: „Триглав Осигурување“, „Алкалоид“ АД Скопје, „Халк Банка“, „Пивара“, „Никоб“, „Македонската Телевизија“, „ТВ Телма“, „Проевент“ и „КЛС“; како и до сите македонски уметници, компании и  индивидуалци кои сесрдно ја прифатија поканата за учество во настанот без авторски или друг вид на надоместоци.

СОС Детско село заедно со Ракометната Федерација на Македонија во оваа прилика посебно се заблагодарува на бројната публика во арената „Борис Трајковски“.

Спектаклот „Сите Ѕвезди за СОС Детско село“ го славеше ракометот, го славеше спортот. Победи човечноста и хуманоста. Заедно покажавме дека македонската нација е хумана, а спортот има посебна моќ да не вивне во височините и да ни пружи уникатна доза на среќа.

Сакајте го и негувајте го македонскиот спорт!

САКАМ СИТЕ ДЕЦА ДА СЕ ПОЧУВСТВУВААТ САКАНИ

Нашето СОС Советувалиште Шуто Оризари, во месец ноември беше посетено од ученици и наставници од локалното основно училиште, кои ни донесоа донација од хигиенски производи и облека.

Тоа што не плени и на што сме многу горди е фактот што иницијатор на хуманитарната акција е Суада 12 годишно девојче, кое заедно со своето семејство, во минатото беа наши корисници на услугата на советување.

Таа со огромна желба и мотивација поттикната од поддршката која таа ја добила во рамки на Советувалиштето, се одлучила да преземе иницијатива за хуманитарна акција во своето училиште во општина Шуто Оризари, каде ги активирала своите соученици, одговорни наставници и стручниот тим на училиштето со цел да се соберат што е можно поголем број на донации за семејствата во социјален ризик кои се поддржани во рамки на Советувалиштето.

 

„Сакам сите деца да се почувствуваат сакани, поддржани и разбрани. Во Советувалиштето на СОС Детско село, јас и моите родители добивме огромна поддршка, ги подобривме нашите комуникациски вештини и ги зајакнавме нашите релации. Јас ја зајакнав мојата самодоверба и собрав храброст пред целото училиште да ја споделам идејата за хуманитарна акција која ќе им биде од голема помош на семејствата во ризик. Мојата мотивација е резултат на искрената соработка, поддршка и охрабрување кое постојано го добивав од страна на вработените во советувалиштето. Тие веруваа во моите способности и ме поддржуваа да ги надминам стравот од јавно говорење, да ги зајакнам вештините за комуникација и да делувам позитивно врз однесувањето на моите врсници. Сметам дека се што ќе си замислиме можеме и да го оствариме, па така и оваа хуманитарна акција стана реалност и се надевам дека во иднина оваа идеја ќе биде мотив и потткнување за моите соученици да земат учество во бројни хуманитарни акции“. – вели Суада.

 

Да не дозволиме децата да останат без семејство

Измината година во Советувалиштата на СОС Детско село, во општина Шуто Оризари и општина Гази Баба се реализираа два циклуса на групни советувања за „Јакнење на семејства“, со семејства во социјален ризик. На крајот на месец декември завршивме со шеста сесија, а циклусите продолжуваат со својата динамика и на почетокот на 2023 година.

Горди сме што активно учествуваа 23 семејства од двете советувалишта. На завршната средба, која има за цел прослава и „дипломирање“,  организиравме прослава на која на родителите и децата учесници им беа доделени потврди за редовно и активно учество, а најредовното семејство го наградивме со ваучер за викенд патување.

Во текот на сесиите сите почувствувавме различни емоции – радост, тага, збунетост… Но, на последната сесија сите бевме облеани во солзи од личното сведоштво на Јасмина, мајка на три деца. Ова се нејзините изјави: „Чувствував блискост и безбедна средина да споделам проблем, да бидам слушната и разбрана, а тоа не можев да го направам дури ни со својата родена мајка“, „Само тука почуствував дека некој го вреднува мајчинството, односно тоа што секојдневно го правам “, „Секогаш тука ми било многу убаво и никогаш не сум почувствувала дека не сакам да дојдам“

Семејствата учесници се претставија себеси преку различни креативни изведби (музички точки, цртежи, кулинарски вештини, изработка на новогодишни украси). Се поздравивме со взаемна благодарност за заедничката дружба и со убави желби за новата година.

 

АЛКАЛОИД СТАНУВА ПАРТНЕР НА СОС ДЕТСКО СЕЛО

СОС Детско село е организација којашто во моментов се грижи за повеќе од 394 деца и млади кои се без родители и родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители. Oд згрижувањето на првото дете во 2002 година, СОС Детско село во земјава има помогнато на стотици илјади деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство. Во минатото, Алкалоид АД Скопје во неколку наврати ја има поддржано оваа организација.

„Навистина ми е драго што сме овде денес да го означиме почетокот на една нова стратешка соработка со СОС Детско село. Започнуваме со именување на една од куќите на овој локалитет во куќа Бекутан, а во пресрет на 45-годишниот јубилеј на овој наш детски бренд, имам чест да најавам дека соработката со СОС Детско село ќе продолжи и во текот на цела 2023 година во проширена форма.“ – изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје.

Јулијана Накова Гапо, национален директор на СОС Детско село, истакна дека т.н. „кумство“ на куќата Бекутан, освен финансиска поддршка, подразбира и градење искрени релации меѓу згрижувачкото семејство и вработените во Алкалоид АД Скопје, посочувајќи ја грижата за децата како основна цел на двата ентитети, секој на свој специфичен начин:

„Нашите заеднички активности во текот на годината којашто следува ќе се одвиваат под мотото ’СЕКОЕ ДЕТЕ Е НАША ГРИЖА‘. Благодарни сме за ова стратешко партнерство кое ќе ни помогне во обезбедување втора шанса за безгрижно детство на многу дечиња!“ – изјави Накова Гапо.

Во куќата Бекутан има 4 деца на возраст од 4 до 12 години и една младинка од 15 години којашто транзитира во младинска куќа. СОС Детско село во населбата Ченто има дванаесет куќи во коишто се сместени 59 деца до 14 години. Организацијата функционира со помош на донации од индивидуалци, компании, институции и на разни форми на партнерства. Секој може да донира, а донираните средства се користат исклучиво за потребите на децата коишто се згрижени во СОС Детско село. Линкот за донации е: https://sos.org.mk/doniraj-33/.