14 февруари 2023
Уште од мала сум бунтовник, но не без причина. Веројатно долго време полицијата ќе памети едно мало девојче кое пријавуваше семејни немири. Мајка ми му побегнала на татко ми, а очувот, кој ја однесе во едно село со неколку куќи, не нè сакаше мене и моите браќа, а таа беше безгласна… Семејството не функционираше, и по неколку пати бегање од дома се најдов во институциите кои се грижат за деца без родители, деца од дисфункционални семејства, деца со проблеми. Мојот проблем беше голем, но мојата мисла беше уште поголема – како да ги спасам и браќата.
Со Иван, Никола и Влатко навистина станавме „Марија и тројцата мускетари“. Се грижев за нив, колку можев тоа да го правам како дете. Но, некако и ме слушаа. Им бев свеста и совеста. Бев на прагот да потклекнам во животот, од одличен ученик изгубив интерес за учење, училиштето не ми беше предизвик, не верував во себе, не верував дека можам.
Љубовта ги лекува сите рани
Братот на Марија, Иван, пред 15 години стана првото дете згрижено во СОС Детско село. По него следеа и Влатко, Никола и Марија. За нив се грижеше СОС мајката Бојана. Бојана се сеќава дека на почетокот, Марија како најголема била многу уплашена и во неизвесност што ќе се случи, што ќе биде со нив. Бојана со месеци секое утро се будеше малку порано за да и се посвети на Марија, да ја охрабри. Секој пат кога Марија ќе направеше нешто добро, без разлика дали тоа било на училиште или пак дома Бојана и зборуваше колку е среќна и горда на неа „Ти си паметна и прекрасна девојка и јас многу те сакам.“- и велеше Бојана.
Сиот труд на Бојана и стручниот тим од психолози и педагози во селото се исплатеа. Марија набргу се ослободи од стравовите, стекна самодоверба и се чувствуваше сигурна, сигурна дека некој стои зад неа и дека во секој момент има на кого да се потпре за поддршка.
Посветеноста и поддршката создаваат можности
„Во СОС Детско село бев „принудена“ да ги поправам оценките, бев охрабрена да сфатам дека можам и дека вредам. Со мене се работеше посветено и тимот во СОС Детско село веруваше во мене дури и кога јас самата не верував во себе“—денес со нескриена радост зборува Марија. Се запишав на факултет, а добив и стипендија од ФОН Универзитетот која
ја оправдав, како еден од најдобрите студенти во генерација. Додека студирав и работев, она што ќе најдам, затоа што во СОС Детско село беше многу важно да создадам работни навики и да се подготвам за иднината. И денес сум им неизмерно благодарна за тоа.
Се чувствувам остварено, вели Марија. Благодарение на СОС Детско село, растев заедно со моите браќа, се запишав на факултет, а подоцна завршив и магистерски студии.
Денес работам во МНР, и сум исполнета. Ја напуштив грижата на Детско село со крената глава, подготвена на сите предизвици кои ги носи животот. Благодарна сум што сите беа покрај мене во сите тешки моменти, што не се откажаa од мене и што постојано ме туркаа напред, кон успехот. Ако за момент сум се прашувала зошто овие луѓе се толку упорни и ми помагаат, ми стана јасно кога им ги видов насолзените очи во моментот на дипломирањето.
Можностите, кои за мене ги создаде СОС Детско село, јас ги зграпчив, ги држам цврсто, за себе и за моите браќа. Јас како најстара ќе ги туркам да успеат, тие се моите тројца мускетари.
Назад кон сите новости