Тип на донација
Сума

или

За жал некои деца се Без училиште, без пријатели, без иднина!

Запознајете ја Марија, таа има 9 години.
Таа на свои 6 години не тргна на училиште. Сиромаштијата во нивното семејство ги промени овие правила.
До неодамна таа живеше со своите помали брат и сестра и болната мајка. Марија мораше да се грижи за нив. Поради тоа, таа немаше “време” да оди на училиште, да учи и едноставно да биде дете. Наместо да научи стихотворба, Марија научи како да го дели лебот за да има за два дена.
“Многу е тешко кога сите другарчиња одат во училиште, а ти не! Не ги знаеш буквите, не ги знаеш песничките кои се учат во училиште. Остануваш сам, немаш пријатели!“- вели Марија.
Марија го имаше својот прв училишен ден лани, на 8 години, кога дојде во СОС Детско село.

Откако Марија е во СОС Детско село, таа е како сите други деца и оди на училиште…но и треба помош за да може да ги стигне лекциите и своите врсници.
Патот за совладување на едукативниот материјал на децата без родители и родителска грижа, е навистина тежок. Истовремено ги надминуваат траумите од минатото и се обидуваат да учат. Тие се едукативно запоставени, без основни предзнаења за вклучување во едукативниот процес. Многу често имаат проблем со учењето, немаат концентрација и брзо го забораваат материјалот, токму поради тоа неопходна им е дополнителна едукативна поддршка и ангажирање на соодветни стручни лица.

Мамо, готово, ја прочитав и оваа книга.

Многу чудно, како една книга може лесно да те понесе во светот на фантазијата“ – полна со радост и воодушевување раскажува Елена. „Само сега не знам дали оваа или претходната да ми биде омилена?“
Но, Елена не ги сакаше книгите отсекогаш. Таа дури не ни знаеше убаво да чита, и сето тоа и изгледаше премногу комплицирано. Пред да започне да живее во СОС Детско село, не посетувала училиште неколку години. Покрај едукативната запоставеност, лесно воочлив беше и стравот и недовербата кон непознатите. Благодарение на поддршката и безусловната љубов од нејзината мама Горде, таа почна храбро да чекори напред.

По доаѓањето во СОС Детско село, на Елена покрај редовното училиште веднаш и беше обезбедена дополнителна едукативна поддршка. „Таа е добра и вредна ученичка, и со големо внимание и многу труд ги решава сите зададени задачи“- со гордост раскажува нејзината наставничка.
За само две години, успеа да го совлада пропуштеното. Оваа година Елена повторно ќе се врати во училиште во одделение со нејзини врсници.
“Има многу промени кај Елена откако е во СОС Детско село. Таа сега е темпераментно, активно и весело девојче. Да бидам искрена, таа е пример за убаво воспитана ќерка“ – гордо раскажува нејзината СОС мајка Гордана.

СОВЕТУВАЊА ЗА ЈАКНЕЊЕ НА СЕМЕЈСТВА

На 21 и 22 март 2023 година, во Советувалиштето Шуто Оризари, организиравме завршни прослави со семејствата кои учествуваа на циклуси од 14 групни советувања за „Јакнење на семејства“. Прославивме со вкупно 18 родители и 22 деца на возраст од 6 до 16 години, кои беа учесници на советувањата во период од 4 месеци, со динамика од еднаш седмично.

Горди сме што активно учествуваа 16 семејства. На завршните средби, со цел прослава и „дипломирање“,  организиравме заеднички настани на кои на родителите и децата учесници им беа доделени дипломи за редовно и активно учество, а 5 семејства беа наградени за најредовно и најактивно учество.

Во текот на сесиите сите почувствувавме различни емоции – радост, тага, збунетост и слично. Но, на последната сесија бевме позитивно изненадени од изјавите на родителите и децата.

Изјави на родителите: „Од вас научив да бидам смирена, порано многу се нервирав и избувнував. Сега знам да зборувам со децата на поубав начин“; „Кај мене има голема промена, порано децата ги прекинував кога зборуваа, сега ги слушам“; „Јас секогаш последна си одев, од што ми беше убаво да учам и да се дружам“; „Среќна сум што моите деца пак се редовни во школо и не се тепаат“; „Од се што добивме кај вас, вашиот совет е најважен и највреден“.

Изјави на децата: „Многу ми беше убаво, игравме разни игри и имавме интересни вежби“; „Се дружев и научив дека е штетно да пушиме цигари“; „Се беше поучно и забавно, многу внимание добивме од вас“; „Научив како да му кажам на некого критика, без да го навредам“.

Децата учесници се претставија себеси преку различни креативни изведби (музички точки, цртежи, кулинарски вештини). Се поздравивме со взаемна благодарност за заедничката дружба и со убави желби и позитивни пораки.

Eдукативна работилница за дигитално насилство по повод Интернационалниот ден на Жената

По повод Интернационалниот ден на Жената, СОС Детско Село одржа едукативна работилница за дигитално насилство, со цел подигнување на свеста кај младите девојки и заштита од родово базирано насилство. Диспропорционалната засегнатост на жените со феноменот на родово базирано насилство во физичкиот свет се прелеа и во дигиталниот простор.

Истото најчесто се манифестира преку изложување на вознемирувачка или потенцијално штетна содржина на веб-локации и онлајн форуми и блогови, развој на виртуелни мрежи на поединци чиј главен интерес лежи во сексуална злоупотреба или трговија со луѓе и други форми на експлоатација и зголемено производство и дистрибуција на слики и материјали за сексуална злоупотреба.

Исто така, на овој ден Згрижувачите, си го честитаа овој ден меѓусебно и се охрабрија во однос на женските права, дигнитет и самостојност и како мајки, жени, сопруги. Благодарност за нивната посветеност и одговорната работа и грижата за деца. Нека им е честит денот на жените 8ми Март!

 

 

 

Бунтовник, но со причина!

Уште од мала сум бунтовник, но не без причина. Веројатно долго време полицијата ќе памети едно мало девојче кое пријавуваше семејни немири. Мајка ми му побегнала на татко ми, а очувот, кој ја однесе во едно село со неколку куќи, не нè сакаше мене и моите браќа, а таа беше безгласна… Семејството не функционираше, и по неколку пати бегање од дома се најдов во институциите кои се грижат за деца без родители, деца од дисфункционални семејства, деца со проблеми. Мојот проблем беше голем, но мојата мисла беше уште поголема – како да ги спасам и браќата.
Со Иван, Никола и Влатко навистина станавме „Марија и тројцата мускетари“. Се грижев за нив, колку можев тоа да го правам како дете. Но, некако и ме слушаа. Им бев свеста и совеста. Бев на прагот да потклекнам во животот, од одличен ученик изгубив интерес за учење, училиштето не ми беше предизвик, не верував во себе, не верував дека можам.

Љубовта ги лекува сите рани
Братот на Марија, Иван, пред 15 години стана првото дете згрижено во СОС Детско село. По него следеа и Влатко, Никола и Марија. За нив се грижеше СОС мајката Бојана. Бојана се сеќава дека на почетокот, Марија како најголема била многу уплашена и во неизвесност што ќе се случи, што ќе биде со нив. Бојана со месеци секое утро се будеше малку порано за да и се посвети на Марија, да ја охрабри. Секој пат кога Марија ќе направеше нешто добро, без разлика дали тоа било на училиште или пак дома Бојана и зборуваше колку е среќна и горда на неа „Ти си паметна и прекрасна девојка и јас многу те сакам.“- и велеше Бојана.
Сиот труд на Бојана и стручниот тим од психолози и педагози во селото се исплатеа. Марија набргу се ослободи од стравовите, стекна самодоверба и се чувствуваше сигурна, сигурна дека некој стои зад неа и дека во секој момент има на кого да се потпре за поддршка.

Посветеноста и поддршката создаваат можности
„Во СОС Детско село бев „принудена“ да ги поправам оценките, бев охрабрена да сфатам дека можам и дека вредам. Со мене се работеше посветено и тимот во СОС Детско село веруваше во мене дури и кога јас самата не верував во себе“—денес со нескриена радост зборува Марија. Се запишав на факултет, а добив и стипендија од ФОН Универзитетот која
ја оправдав, како еден од најдобрите студенти во генерација. Додека студирав и работев, она што ќе најдам, затоа што во СОС Детско село беше многу важно да создадам работни навики и да се подготвам за иднината. И денес сум им неизмерно благодарна за тоа.
Се чувствувам остварено, вели Марија. Благодарение на СОС Детско село, растев заедно со моите браќа, се запишав на факултет, а подоцна завршив и магистерски студии.
Денес работам во МНР, и сум исполнета. Ја напуштив грижата на Детско село со крената глава, подготвена на сите предизвици кои ги носи животот. Благодарна сум што сите беа покрај мене во сите тешки моменти, што не се откажаa од мене и што постојано ме туркаа напред, кон успехот. Ако за момент сум се прашувала зошто овие луѓе се толку упорни и ми помагаат, ми стана јасно кога им ги видов насолзените очи во моментот на дипломирањето.
Можностите, кои за мене ги создаде СОС Детско село, јас ги зграпчив, ги држам цврсто, за себе и за моите браќа. Јас како најстара ќе ги туркам да успеат, тие се моите тројца мускетари.

Сè ќе биде во ред. Сега си дома!

Се викам Ангела.
Имав 7 години кога дојдов да живеам во куќата на мама Мира во СОС Детско село. Не памтам многу, знам само дека беше почеток на април, Велигден. Уште еден празник каде семејствата се заедно. Среќни и безгрижни сеќавања, толку важни за секое дете. За жал, не и за мене. Мене празниците ме потсетуваа на тага и осаменост.
Памтам дека влегов во куќата исплашена и збунета. Мама Мира ми подаде топлинки. Рече дека ги купила за мене. Ме збуни дека дотогаш немав топлинки.

Внатре имаше три деца, разиграни и насмеани. Кога ме видоа се стрчаа да ме гушнат. Уште бев исплашена и збунета, ама веќе не толку многу.
Мама Мира вадеше чинии и прибор. Децата ги носеа на масата и ги редеа. Цело време се смееја и си потпевнуваа некоја песна.
Седев на еден крај од каучот во дневната настрана од сета оваа семејна „гужва“, смеа, врева – која ми се чинеше дека е некоја серија од телевизија.
По кратко време, ја осетив раката на мама Мира како ме гали по косата. Ми рече: „Ајде Ангела, дојди да ручаме“. Се збунив и се трудев да не се расплачам. Тогаш мама Мира ме гушна, ме бакна по косата и ми шепна: „Сè ќе биде во ред. Сега си дома.“
Денес имам 24 години. Сопруга сум и мајка на едногодишен син… Правам сè мојот син да расте со истите љубов и топлина кои ги имав во моето семејство со мама Мира, со Неда, со Јасмин и другите деца.
Велигденскиот ручек кај мама Мира во СОС Детско село и денес ни остана традиција. Сите сме заедно на празникот како едно големо среќно семејство.
Да ми кажевте дека тоа збунето, исплашено седумгодишно девојче еден ден ќе има ваква семејна среќа, искрена да бидам, немаше да ви верувам.

Ти летуваш, ЈК ТРАВЕЛ донира за СОС Детско Село

Од секој уплатен аранжман ќе бидат донирани средства во СОС Детско село за децата кои се поддржани од оваа организација да имаат поквалитетен живот, потенцираа од Агенцијата ЈК Травел кои денес официјално го потпишаа договорот со СОС Детско село за кампањата „Ти летуваш, ЈК Травел донира“ која ќе трае до 22 јуни 2023 година.

“Секоја донација за нас е важна и потребна за обезбедување на квалитетна грижа и поддршка на 460 деца и млади без родителска грижа. Партнерството и соработката со ЈК Травел е показател за агенција со визија за општествена одговорност, така што сите средства ќе бидат  наменети за потребите на децата, а сите одвоени средства со купувањето на летен аранжман во Агенцијата, кај нас менува животи.”- велат од СОС Детско село.

Кампањата ќе трае до 22 јуни годинава, а ЈК Травел планира да организира и тим билдинг заедно за вработените и со децата, засадување на дрвја и уште многу други заеднички активности, бидејќи според нив секој детски сон заслужува да се оствари.

– Навистина сме среќни како туристичка агенција што започнавме со кампањата и години наназад сме општествено одговорни. Токму со оваа кампања сакаме да бидеме пример и за останатите компании секогаш да им даваме поддршка на оние кои им е најпотребно. Со кампањата сакаме да ги поттикнеме вистинските вредности кај луѓето, колку е важна вистинската грижа за другите, во овој случај поточно грижата на децата и младите без родители и родителска грижа да имаат топол дом, да растат во семејство, да бидат среќни, да имаат среќно и безгрижно детство, така што ајде заедно да го сториме тоа преку „Ти летуваш, ЈК Травел донира“, потенцираат од туристичката агенција.

 

СОС Детско село веќе 20 години е посветено на грижа на деца и млади без родители и родителска грижа, од таму и потребата на ЈК Травел се вклучија за да ги поддржат.

 

Човечноста и хуманоста како победници

„Ви благодариме од срце! 460 деца и млади без родителска грижа растат во семејство благодарение на вас“ – пишува на врамениот дрес кој СОС Детско село го подари на Ракометната федерација на Македонија по повод примо-предавањето на донацијата.

Вкупниот износ кој е собран од продажбата на билети за хуманитарниот ракометно музички спектакл одржан на 3 јануари 2023 година во организација на РФМ, изнесува 1,372,550 денари, која сума ќе биде донирана на СОС Детско село.

Трошоците за реализација на настанот, покриeни се од страна на Ракометната Федерација на Македонија и нејзините спонзори. Посебна благодарност во оваа насока, Македонската куќа на ракометот, би сакала да упати до: „Триглав Осигурување“, „Алкалоид“ АД Скопје, „Халк Банка“, „Пивара“, „Никоб“, „Македонската Телевизија“, „ТВ Телма“, „Проевент“ и „КЛС“; како и до сите македонски уметници, компании и  индивидуалци кои сесрдно ја прифатија поканата за учество во настанот без авторски или друг вид на надоместоци.

СОС Детско село заедно со Ракометната Федерација на Македонија во оваа прилика посебно се заблагодарува на бројната публика во арената „Борис Трајковски“.

Спектаклот „Сите Ѕвезди за СОС Детско село“ го славеше ракометот, го славеше спортот. Победи човечноста и хуманоста. Заедно покажавме дека македонската нација е хумана, а спортот има посебна моќ да не вивне во височините и да ни пружи уникатна доза на среќа.

Сакајте го и негувајте го македонскиот спорт!

САКАМ СИТЕ ДЕЦА ДА СЕ ПОЧУВСТВУВААТ САКАНИ

Нашето СОС Советувалиште Шуто Оризари, во месец ноември беше посетено од ученици и наставници од локалното основно училиште, кои ни донесоа донација од хигиенски производи и облека.

Тоа што не плени и на што сме многу горди е фактот што иницијатор на хуманитарната акција е Суада 12 годишно девојче, кое заедно со своето семејство, во минатото беа наши корисници на услугата на советување.

Таа со огромна желба и мотивација поттикната од поддршката која таа ја добила во рамки на Советувалиштето, се одлучила да преземе иницијатива за хуманитарна акција во своето училиште во општина Шуто Оризари, каде ги активирала своите соученици, одговорни наставници и стручниот тим на училиштето со цел да се соберат што е можно поголем број на донации за семејствата во социјален ризик кои се поддржани во рамки на Советувалиштето.

 

„Сакам сите деца да се почувствуваат сакани, поддржани и разбрани. Во Советувалиштето на СОС Детско село, јас и моите родители добивме огромна поддршка, ги подобривме нашите комуникациски вештини и ги зајакнавме нашите релации. Јас ја зајакнав мојата самодоверба и собрав храброст пред целото училиште да ја споделам идејата за хуманитарна акција која ќе им биде од голема помош на семејствата во ризик. Мојата мотивација е резултат на искрената соработка, поддршка и охрабрување кое постојано го добивав од страна на вработените во советувалиштето. Тие веруваа во моите способности и ме поддржуваа да ги надминам стравот од јавно говорење, да ги зајакнам вештините за комуникација и да делувам позитивно врз однесувањето на моите врсници. Сметам дека се што ќе си замислиме можеме и да го оствариме, па така и оваа хуманитарна акција стана реалност и се надевам дека во иднина оваа идеја ќе биде мотив и потткнување за моите соученици да земат учество во бројни хуманитарни акции“. – вели Суада.

 

Да не дозволиме децата да останат без семејство

Измината година во Советувалиштата на СОС Детско село, во општина Шуто Оризари и општина Гази Баба се реализираа два циклуса на групни советувања за „Јакнење на семејства“, со семејства во социјален ризик. На крајот на месец декември завршивме со шеста сесија, а циклусите продолжуваат со својата динамика и на почетокот на 2023 година.

Горди сме што активно учествуваа 23 семејства од двете советувалишта. На завршната средба, која има за цел прослава и „дипломирање“,  организиравме прослава на која на родителите и децата учесници им беа доделени потврди за редовно и активно учество, а најредовното семејство го наградивме со ваучер за викенд патување.

Во текот на сесиите сите почувствувавме различни емоции – радост, тага, збунетост… Но, на последната сесија сите бевме облеани во солзи од личното сведоштво на Јасмина, мајка на три деца. Ова се нејзините изјави: „Чувствував блискост и безбедна средина да споделам проблем, да бидам слушната и разбрана, а тоа не можев да го направам дури ни со својата родена мајка“, „Само тука почуствував дека некој го вреднува мајчинството, односно тоа што секојдневно го правам “, „Секогаш тука ми било многу убаво и никогаш не сум почувствувала дека не сакам да дојдам“

Семејствата учесници се претставија себеси преку различни креативни изведби (музички точки, цртежи, кулинарски вештини, изработка на новогодишни украси). Се поздравивме со взаемна благодарност за заедничката дружба и со убави желби за новата година.