АКАДЕМСКИОТ СЛИКАР ДИМЕ ТЕМКОВ ПОДАРИ ДВЕ СВОИ УМЕТНИЧКИ ДЕЛА НА СОС ДЕТСКО СЕЛО
„Децата треба да бидат директно изложени на уметност. Сакам моите слики да бидат дел од секојдневието на СОС Детско село. Сакам да ги гледаат од ѕидовите“ – ни рече академскиот сликар Диме Темков, кој денеска не почести со хуман гест и подари две свои слики од актуелната изложба во родниот град. Тој ни пренесе и дека едната слика ја купила амбасадорка од едно од дипломатските претставништва во нашата земја и му порачала истата хуманитарно да ја подари, каде самиот да одлучи.
Инспириран од чинот, тој решил да ја удвои донацијата со уште една лична донација и двете слики да ги подари на деца кои имаат помалку можности за допир со уметноста.
Така Темков деновиве се обрати за посредништво во насочувањето на донацијата до членката на Генералното собрание на СОС Детско село, Бранка Костиќ Марковиќ и денеска донацијата и беше врачена на Јулијана Накова Гапо, националната директорка на СОС Детско Село. Таа од името на здружението, на уметникот му врачи благодарница за придонесот и ја истакна важноста од вакви акции, зашто како што кажал големиот Пикасо, една жолта точка може да биде претворена во сонце, токму со помош на уметноста. А на децата име е потребно и сонцето и уметноста за да го создаде таму каде што помалку свети.
Инаку, изложбата на Диме Темков беше отворена на 26 јули, како дел од одбележувањето на 60-годишнината од Скопскиот земјотрес, во Салонот Империјал 1 на Културно-информативниот центар во Скопје. Содржи слики и монотипии, а симболично е насловена „5.17“.
Изложбата сѐ уште трае и посетителите ќе можат да ја погледнат до 15 август.