14 септември 2022
Во периодот од 20-ти до 28 aвгуст беше реализиран вториот камп од проектот ,,Speechless Reconciliation”. Кампот е во организација на Rotary club од Прага, а е поддржан од компанијата C9. Проектот Speechless Reconciliation има за цел да ги зајакне капацитетите на младите луѓе во социјален ризик од поранешните Југословенски републики. Овогодинешниот камп беше организиран за 36 учесници од СОС Детски села од Косово, Србија, Хрватска, Македонија, Босна и Херцеговина и Литванија.
На кампот беа организирани неколку работилници, обуки и предавања кои имаат за цел не само да ги зајакнат капацитетите на младите и да се подобри нивната вработливост туку и да се зајакнат нивните интерперсонални вештини со цел да се создадат младински лидери кои ќе бидат активни допринесувачи во нивните заедници и пошироко.
Дел од темите на кои беа организирани работилниците се:
,,Креирај ја својата иднина,,
,,Дефинирање, редефинирање и справување со промени, загуби и транзициски периоди во животот,,
,,Работилница за Филм и Театар,,
,,Работилница за јавно говорење,,
,,Работилница за креирање на маркетинг стратегии,,
На кампот беше креирана и културно забавна програма во која младите луѓе можеа да ги презентираат своите културни и национални обичаи и традиција.
Во рамките на кампот беа организирани и посети на две компании и тоа компанијата Volvo Р.Чешка, бизнис инкубаторот Карлин во Прага и компанијата C9 international.
Целата филозофија на Speechless Reconciliation проектот има за цел да го поддржува, следи и помага понатамошниот развој на младите лица на кои им треба малку ветер во грбот рече Матеј Кека основачот на проектот. За таа цел е поставена и се развива онлајн платформа на која младите лица ќе можат да добијат конктретна, индивидуализирана и специфична подрршка согласно нивните потреби без разлика дали се работи за вработување или градење на личните и професионалните капацитети и способности.
Младиот Александар од Македонија оваа година успеа да биде стипендист на Шпанската компанија Wenable Solutions со седиште во Барселона која му овозможи обуки за монтажа на видео материјал како и обука за фотографирање и обработка на фотографии. Ова претставува огромна можност за Александар кој работи напорно и доколку успешно ја заврши обуката извесно е дека ќе добие и понуда за вработување.
Ова е она за кое се залага проектот Speechless Reconciliation и неговите поддржувачи. СОС Детско село Скопје е партнер на овој проект од самиот почеток и еден од предавачите оваа година беше вработениот Љупчо Трифуновски. Во иднина следат многу активности кои се во насока на поддршка на развојот на младите лица од регионот но и пошироко. Овој проект има тенденција да се проширува и во други земји и да овозможи поддршка на младите во поширока смисла.
Назад кон сите новости