Тип на донација
Сума

или

1 јуни 2020

Честит Меѓународен ден на згрижувачките семејства!

Разговараме со Јагода Насковска, социјален работник, сертифициран ПРИДЕ обучувач

Што претставува 1ви јуни за СОС Детско село?

1ви јуни е Меѓународен ден на згрижувачките семејства.  Секоја година, токму на овој ден, СОС Детско село организира настани и различни активности со цел да го одбележи денот на достоинствен начин, да искаже благодарност кон згрижувачките семејства за нивната грижа и поддршка, за родителството, за нивната благородна мисија.

Оваа година, поради актуелната состојба со коронавирусот, сите активности за организирање на настани и дебати се стопирани, иако имавме убава замисла за одбележувањето на денот. Поаѓајќи од оваа перспектива, имаме уште поголема потреба да искажеме јавна благодарност  кон сите згрижувачи на територија на нашата држава за  грижата која ја обезбедуваат за децата кои мораат да бидат одвоени од своите семејства, за пристапот кој обезбедува можност децата и нивните семејствата да заздрават, растат и да се развиваат и секако, за отвореноста да понудат трајна посветеност кон децата доколку не е возможно тие повторно да се обединат со нивните родителите или роднините.

Но, особено ни е важно да искажеме јавна благодарност за нашите четиринаесет  згрижувачки семејства со кои соработуваме од самото основање, четиринаесет исклучителни личности, професионалци, кои се вистински херои на денешното време.

Може ли малку повеќе за тоа што претставува згрижувањето, кои се ефектите и  што работи СОС Детско село на тоа поле?

Помош на згрижените деца да се справат со загубите со кои се соочиле уште од најмала возраст  е искуство на згрижување со најголем предизвик, но и најголема награда.

20 години наназад СОС Детско село работи на зајакнување на семејствата. Токму зајакнувањето на семејствата е нашата мисија.  Денешното секојдневие предизвикува  многу ситуации и околности кои им отежнуваат на семејствата да ги задоволат потребите на нивните деца. Всушност за сите семејства – биолошки семејства, роднински семејства, посвојувачи семејства, природно е да имаат проблеми и потешкотии во одреден период и да им биде неопходно потребна поддршка од системот на социјална заштита.

Понекогаш , згрижувачките семејства можат да понудат привремена замена за  родителите додека тие поминуваат  стресен и тежок период,  да им овозможуваат на родителите можност  да се вклучат во третман  и да се грижат за децата додека тие не развијат вештини за позитивно родителство .

Згрижувањето е услуга за поддршка на семејствата, а згрижувачите се клучни во процесот на повторно обединување со семејството. Тогаш кога оваа опција не е возможна, згрижувачите се тие кои ќе ја обезбедат грижата за децата до полнолетството.

Згрижувањето во нашата држава е традиционален модел на социјална заштита од многу одамна. Низ историјата,  децата без родители добивале нега и заштита првично преку ресурсите на нивните пошироки семејства. Потоа, системот постепено се развивал за да во одредени делови на нашата земја  има силно развиена мрежа на згрижувачки семејства кои професијата ја пренесуваат низ генерациите, од мајка на ќерка , од татко на син . Македонски Брод и  Прилеп се места со огромна традиција и позитивен пример во згрижувањето .

Згрижувачкото семејство  e поддршка на биолошкото семејство кое поминува низ кризна состојба. За некои деца згрижувачкото семејство е замена за биолошкото, а за други претставува само привремена грижа, додека не се надмине ризикот во биолошкото семејство. Сместувањето во згрижувачко семејство како форма на заштита во нашата држава законски е регулирана од 1979 година, а првото згрижувачко семејство датира од далечната 1961 година.

Каде сме сега со развој на ова поле од социјалната заштита?

Во поново време сведоци сме на трендовите за деинституционализација и  трансформација на големите институции за згрижување на деца во останати услуги, услуги кон заедницата. Сега повеќе од кога и да е, фокусот повторно е ставен на развојот на згрижувачките семејства.

Во таа насока СОС Детско село , во рамки на својата  програмска едница, освен тековна поддршка  за вкупно 14 згрижувачки семејства каде има згрижено 59 деца без родителска грижа, обезбедува и активности за промоција на згрижувањето, подигнување на јавнат свест за квалитетно заменска згрижување, и првична и континуирана обука за зајакнување на компетенциите на згрижувачките семејства.

Свесни дека потребите и проблемите на децата кои имаат потреба од згрижување стануваат сé поспецифични, особено е важно да се работи на развивање и спроведување на структурирани програми за обука на компетентни згрижувачи  кои ќе овозможат грижа за  децата , но и професионален пристап.

Згрижувањето бара знаење, чувствителност, флексибилност и огромна љубов. Токму ова се надеваме дека ќе го развиеме и видиме кај групата од 10 потенцијални згрижувачи кои се пријавија да ја следат овогодинешната обука за ПРИДЕ .

Што е ПРИДЕ ? Какви карактеристики треба да има еден згрижувач?

Програмата се базира на вредноста дека семејниот живот е од огромна важност за децата. Децата кои живеат и растат во семејна атмосфера имаат можност да се развиваат во напредни личности.  Да се биде успешен згрижувач значи да се има свесност за потребите на децата, знаење и разбирање за нивното однесување и секако, вештини за успешно справување со потребите на децата. Токму затоа, програмата ПРИДЕ за згрижувачите е важен ресурс.

Со влегувањето во процесот на обука, ПРИДЕ на идните згрижувачи им ги дава потребните одговори потребни за разбирање на основата на згрижувањето и им помага да донесат информирана одлука за себе и својата иднина како згрижувачи.

Згрижувачите се генерално луѓе кои поседуваат емпатија и сакаат да работат со децата . Но, за ефективно да работат со децата и младинците кои минале низ семејни тешкотии и биле одделени од нивните родители, згрижувачите мораат да поседуваат и  одредени знаења и вештини.  Обуката ПРИДЕ се состои од девет сесии и го опфаќа знаењето и вештините кои  им се потребни на идните згрижувачи.

Нешто за крај?

Секоја година, како што споменав на почетокот, го одбележуваме Денот на згрижувачите семејства. Минатата година имавме сведоштво од една наша младинка која долги години беше во системот на заштита, згрижена во згрижувачко семејство. Сме оставале простор и згрижувачите да посведочат за нивното искуство, за нивната мисионерска посветеност. Се надеваме дека ќе имаме уште многу успешни приказни за споделување.

За крај, би сакала да споделам една перспектива на биолошки родител, мајка, која токму денес  дојде во нашите простории и имаше силна потреба да го види на неколку минути своето дете, згрижено во семејство не повеќе од 4 месеци .

Во тој момент, во пресрет и дојде згрижувачката Весна. Таа иако не е долго време згрижувачка, има исклучителна сензибилност за вакви состојби.

Свесна за потребата на детето, со огромна насмевка на лицето и сјај во очите, носејќи го Горазд кон мајка му, само се насмеа и порача: ”Седете вие овде на клупата, јас ќе одам да ставам сок и да донесам колачиња. Сакам да почастам, денес е Денот на згрижувачките семејства.”  Всушност, токму тоа е големината на  нашите згрижувачи.

Нека им е честит Денот за сите згрижувачи !