17 март 2020

Здравјето и безбедноста се секогаш наш приоритет

Секојдневието на децата и младите е прилагодено на новонастаната ситуација предизвикана од COVID-19, а СОС Детско село ги спроведува сите мерки за зачувување на здравјето и сигурноста на децата и младите за кои се грижи

Сакаме да ги информираме сите наши пријатели, поддржувачи, партнери, но и целата јавност дека во СОС Детско село се преземени сите мерки, протоколи и активности согласно препораките на Светската здравствена организација, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Министерството за труд и социјална политика.

За да го спречиме потенцијалното ширење на вирусот COVID-19, СОС Детско село воведе мерка со која на неопределено време се одложуваат сите посети и контакти со децата и младите од страна на трети лица. За корисниците од социјално загрозените семејства кои ги поддржуваме преку Советодавните центри во општините Гази Баба и Шуто Оризари обезбедивме хуманитарни пакети, онлајн поддршка од страна на нашите стручни тимови и секако, препораки за понатамошно однесување. Воведени се и мерки за зголемена хигиена и превенција од ширење на вирусот заради соодветна заштита како на децата и младите, така и на нашите вработените.

Вашата помош ни е исклучително важна во оваа ситуација. Ве повикуваме и понатаму да ги поддржувате програмите на СОС Детско село преку он-лајн донирање на нашата веб страница www.sos.org.mk

СОС Детско село продолжува активно да ја следи ситуација и одговорно и навремено да ги спроведува мерките и препораките на надлежните институции во борба против ширењето на COVID-19.