9 март 2020

Програма за обука на млади- Обука за обучувачи

СОС Детско село, од 2016 година успешно придонесува кон зајакнување на млади лица во социјален ризик со цел нивна интеграција на пазарот на труд. Овие активности се тесно поврзани со мисијата на нашата организација „Ниту едно дете не треба да расте само“.

Кон крајот на 2019 година пет СОС Детски села од регионот започнаа со имплементација на регионален проект „Зајакнување на младите преку нови можности“ со цел да ги поддржат младите кои излегуваат од системот на алтернативна грижа, како и младите кои потекнуваат од семејства со комплексни социо-економски предизвици.

Во рамки на проектот се воведува нова методологија „Животни и работни вештини: Програма за обука на млади“  иницијално креирана од страна на холандската консултантска мрежа Афлатун и СОС Детски села. Методологијата содржи две компоненети – Програма за основни животни вештини и Програма за вработливост. Обуките за младите лица се интерактивни, динамични и даваат можност за учење преку рефлексија од сопствените искуства и нивно надградување.

Со цел методологијата да се мултиплицира и да се дисперзира до што поголем број професионалци кои работат со млади лица на нивно зајакнување и/или интеграција на пазар на труд, СОС Детско село организираше Обука за обучувачи на која учесниците беа запознаени како да ја користат оваа методологија, особено во работата со млади во социјален ризик.

Претставници на различни организации и институции присуствуваа на обуката за обучувачи која се одржа од 3-7 март во Охрид. Повеќето од учесниците се искусни младински работници и обучувачи, што овозможи процес на взаемно учење.

Ова е само дел од пристапот на СОС Детско село за поттикнување соработка меѓу различните чинители во заедницата за да се постигне подобар резултат во корист на младите.