23 декември 2019

Годишен настан за доделување на признанија „Едно семејство“

СОС Детско село, по повод Меѓународниот ден на човековата солидарност додели признанија на најголемите донатори и поддржувачи во 2019 година .

Годишниот настан, насловен како „Едно семејство“, се одржа под покровителство на г-а. Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на Република Северна Македонија. За неа изборот церемонијата да се одвива на 20 Декември ‒ Меѓународниот ден на солидарноста има голема симболика зашто благодарение на солидарноста и помагањето на институции, компании и поединци, СОС Детско село може да ја врши својата основна функција за грижа и поддршка на деца во ризик.

„Секое дете заслужува да расте во топол дом опкружено со љубов и внимание, односно ниту едно дете не треба да расне само, како што е истакнато во мисијата на СОС Детско село. За ова да биде остварливо секој од нас може да придонесе на различен начин. Токму и денеска сме собрани да им оддадеме признание на оние што несебично одвојуваат средства, време, енергија и придонесуваат кон остварувањето на мисијата на СОС Детско село. Би сакала, како покровител на оваа манифестација, лично да им се заблагодарам и да ги охрабрам и понатаму несебично и  безрезервно да помагаат, да бидат солидарни и великодушни. Со грижата за најмладите се грижиме и за нашата иднина, се грижиме за напредокот и за просперитетот на целата заедница. Сите ние сме едно семејство и секој член на нашето семејство заслужува да биде исполнет со радост и среќа“, рече г-а. Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на Р.С. Македонија.

Претседателката на Управниот одбор на СОС Детско село г-а Славица Спироска, ги поздрави присутните и потенцираше: „СОС Детско село е вистинска приказна за тоа како  една идеја и желба за солидарност кон децата кои останале без дом, без родители и без семејство после втората светска војна во Aвстрија, прераснала во една глобална мисија во 136 земји во светот за секое дете да има топол дом и ниту едно дете да не расте само! Денес, сакаме да ја искажеме и нашата благодарност до донаторите првенствено од бизнис заедницата кои ја помагаат и  ја движат  нашата мисија, но и другите соработници и партнери со  чија поддршка ги максимизираме нашите напори и активности  и секој ден со ваша помош менуваме животи!“

На настанот се обрати и австрискиот амбасадор во Р.С. Македонија, Георг Вуцас, кој потенцираше дека со поддршка на Детското село сите можеме да направиме разлика и најави дека оваа година приходите од Виенскиот бал, што се одржува на 14 март 2020 година во Скопје, ќе бидат посветени на Детско Село во Северна Македонија.

„На ранливите луѓе им треба нашата помош, особено на децата! За жал, се проценува дека на глобално ниво околу 220 милиони деца растат без соодветна грижа од родители. Ова не се само сирачиња или деца чии родители не се познати. А причините се разни и бројни, како што е сиромаштијата и особено екстремната сиромаштија, здравствените проблеми на родителите, воената опкружување. Сум бил сведок на вакви екстремни ситуации во детските дневни установи на СОС Детски села во Ел Алто на надморска височина од 4.100м, веднаш до боливискиот главен град Ла Паз. Најголема причина за загриженост беше опасноста од гладување, многу поопасна од широко распространетата појава криминалните банди на деца во метрополитенските реони во јужноамериканските области и потребата од пристојни можности за вработување на нивните мајки што ќе им овозможат да ги покријат секојдневните потреби на семејството“, рече австрискиот амбасадор во Република Северна Македонија, Георг Вуцас. 

Јулијана Гапо, национален директор на СОС Детско село, рече дека го одбележуваат Меѓународниот ден на човечката солидарност и гласно им се заблагодаруваат на најголемите донатори и поддржувачи на работата и мисијата на СОС Детско село.

„Успешното делување на СОС Детско село веќе 18 години во Македонија, покрај големата посветеност на вработените се должи првенствено и на сета поддршка која ја добиваме од јавниот сектор, локалните заедници, многу компании и индивидуалци. Сите тие се дел од нашето големо СОС Семејство кое веќе 18 години делува во правец Ниту едно дете да не расте само. Оваа година ни помогнаa да правиме позитивни промени во животите на  близу 460 деца и млади без родителска грижа и социјален ризик и 250 социјално загрозени семејства. Благодарение на оваа поддршка ќе ја започнеме и следната година со нови проекти и иницијативи, сѐ со цел да овозможиме што е можно подобри услови  за децата и младите од оваа најранлива категорија во нашето општество“, додаде Гапо.

Низ панел на тема „Како ја разбираме солидарноста денес“ ги чувме мислењата и пораките на

  • Катарина Ивановска – модел и активистка
  • доц. д-р Филип Ивановски – извршен директор на „Пакомак“ и член на Управен одбор на СОС Детско село
  • Цветанка Николова – младинка од СОС Детско село, денес новинарка во Точка и  репортерка во Сител Телевизија
  • доц. д-р Зорица Силјановска – индивидуален донатор, член на Собранието на СОС Детско село и професор на Факултет за правни и политички науки – ФОН Универзитет
  • м-р. Силвана Ивановска- младинка од СОС Детско село, денес кариерен дипломат во Министерство за Надворешни Работи, Магистер по безбедност на УКИМ со 10.00 просек, работи на својата втора магистратура по дипломатија и меѓународна политика.

СОС Детското село во изминатите 18 години обезбедува грижа за најмладите преку воспоставување на семеен модел за алтернативна грижа за деца. Но грижата за децата и младите продолжува и преку програми за социјална превенција со цел зајакнување на семејствата, обезбедување на можности и обуки за вработување на млади луѓе и слично. Првото СОС Детско село е формирано во Австрија во 1949 година.