10 октомври 2019

Учиме да бидеме безбедни

Конвенцијата за правата на децата на Обединетите нации налага дека децата треба да имаат посебна заштита во ситуации кога нивното право на живот, опстанок и развој е загрозено. Во СОС Детско село безбедноста на децата ни е на прво место, и правиме се за тие да бидат се безбедни. Но исто така, особено ни е важно и тие сами да научат како да се заштитат и  да бидат безбедни.

Затоа, секогаш нè радува кога можеме да го споиме корисното и забавното и кога преку другарувањето имаме можност да научиме нешто корисно. За да научиме како да се заштитиме и бидеме безбедни, овој пат ни помогнаа пријателите од Осигурување Македонија. Ваквите денови во СОС Детско село се прекрасни искуства, како за децата така и за нашите драги другари. Убавото време вчера беше пропратено со добро расположение и многу едукативни игри. Децата имаа можност да научат како да се заштитат и бидат безбедни во случај на пожар, земјотрес и поплава.

 

Вчера научивме дека некогаш и покрај нашето вниманието и претпазливост може да се случат  незгоди. Но, научивме и како треба правилно и брзо да реагираме.

“193 – Алооо, пожарна“- внимателно и брзо децата го вртеа бројот на противпожарната служба, кој беше дел од првата игра Подалеку од чадот, подалеку од огнот.

Во втората игра На безбедно, научивме како треба внимателно и без паника да се заштитиме кога има земјотрес. Од третата игра Подготви се и искачи се, знаеме кои се најпотребни работи кои треба да ги спакуваме за време на поплава.

Четвртата игра Игасни го пожарот, беше исто така многу интересна и корисна. Ни покажа колку е важно да сме здружени и сложни секогаш.

На крајот сите добивме дипломи за добро завршената и научена лекција. Ви благодариме Осигурување Македонија за прекрасниот ден и со нетрпение ве чекаме повторно на гости.