30 септември 2019

Промоција на Регионален проект за зајакнување на млади

Да се зајакнат младите за да имаат подобри можности за вработување и активно учество на пазарот на труд е целта на регионалниот проект “Зајакнување на млади преку нови можности”, кој денеска беше промовиран од страна на СОС Детско село во соработка со Херман Гмајнер Фонд Германија.

Проектот ќе се имплементира во Северна Македонија, Србија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина со поддршка на германското Министерство за економска соработка и развој и Херман Гмајнер Фонд Германија.

Овој проект активно ќе работи со 1.600 млади во социјален ризик од 16 до 35 години, кои се социјално исклучени, со низок приход и немаат можност самостојно да го подобрат својот економски статус. Од нив, 300 се од Република Северна Македонија. Вкупниот буџет на проектот е 3.2 милиони евра, распределен за сите пет држави.

За Јулијана Гапо, Национален директор на СОС Детско селo, невработеноста е еден од најголемите предизвици со кои се соочува нашето општество во последните три децении.

“Стапката на регистрирани невработени млади лица од 15-24 години е 47,6%. Многу е важен и фактот дека тие не се доволно информирани за можностите и услугите што ги нудат институциите и организациите во заедницата а преку кои би можеле да се вработат. Живеењето во сиромаштија и недостатокот на образование, вештини и искуство, придонесуваат младите невработени лица да се карактеризираат со негативна слика за себе, ниска самодоверба, намалена мотивација и севкупна пасивност. Со тоа само се продлабочува нивната социјална изолација, социјалната исклученост и се потешко е да излезат од кругот на сиромаштијата”.

Овој проект ќе овозможи оваа ранлива категорија млади во социјален ризик да ги подобрат своите можности за вработување и активно да учествуваат на пазарот на труд.“

“Младите лица се соочуваат со низа проблеми за влез на пазарот на трудот како што се: несоодветност на стекнати знаења и вештини во формалниот образовен процес со реалните потреби на пазарот на трудот, просечниот период за премин на младите лица од училиште на работа (2,5 години), како и недоволниот и квалитетен број на понудени слободни работни места. Уште поголем проблем претставува големиот број на млади NEET (преку 130.000 лица кои не се во евиденција на вработени, не се во образовен процес, ниту се во процес на обуки во државата. Исто така, од вкупниот број евидентирани млади во Агенцијата за вработување, 4311 се средно гимназиско образование, 8722 млади лица се со непотполно средно или завршено средно образование, додека 3539 млади евидентирани невработени лица се без образование или со основно образование”, истакна Ѓонул Бајрактар, заменик министер за труд и социјална политика на РСМ.

“Овој проект е многу важен затоа што е регионална иницијатива која ќе се имплементира во пет балкански држави за да ги зголеми можностите за вработување за околу 1.600 лица. Преку проектот ќе се поддржат младите, но исто така, ќе се даде придонес целиот регион да работи заеднички за европската иднина и да ги промовира европските вредности во овие општества.  Со овој пристап и пред стартот на преговорите со Европската Унија, СОС Детско село во Северна Македонија ќе даде сериозен придонес во расчистување на начинот на креирање ново општество”, рече Н.Е Томас Герберих, амбасадор на Сојузна Република Германија во РСМ. Тој нагласи дека Германија ќе продолжи да го поддржува СОС Детско село во Северна Македонија.

СОС Детско село, од 2016 година, успешно придонесува за зголемување на вработливоста кај младите лица во социјален ризик. Оваа акција е тесно поврзана со мисијата на организацијата “Ниту едно дете не треба да расте само”, бидејќи невработеноста и сиромаштијата се едни од клучните фактори кои придонесуваат децата да ја загубат грижата од своите семејства.

По успешната реализација на проектот за Социјална инклузија и економско зајакнување на млади, СОС Детско село продолжува да делува во полето на зајакнување на млади во социјален ризик во рамките на една поширока регионална иницијатива. Со овие активности и иницијативи СОС Детски села активно ќе придонесуваат во остварување на низа од Глобалните цели за одржлив развој кои се однесуваат на намалување на невработеноста и сиромаштијата, квалитетно образование и вработливост и економски развој.

Им благодариме на Хотел Мериот за неизмерната поддршка при организацијата на сите настани на СОС Детско село.