29 август 2019

Нова можност за семејството на Јуксен

За прв пат во својот живот 32-годишниот Јуксен од скопската општина Гази Баба застана на свои нозе откако в раце ја зеде возачката дозвола за камион. Неговиот сон стана реалност кога тој и неговото семејство, како семејство во социјален ризик, се вклучија во програмите на Ресурсниот центар на СОС Детско село. Преку нив, Јуксен доби поддршка за јакнење на своите компетенции, за доквалификација и за долгорочно вработување.

Јуксен е татко на четири деца. Тој и неговата сопруга, како невработени, со години живеат на прагот на сиромаштијата. Но, тој сега е ангажиран во транспортна компанија како возач на повик, што за него е одлична можност да се стекне со практично работно искуство како возач на камион.

,,Многу сум благодарен за поддршката којашто ја добив од вработените во СОС Детско село во процесот на барање работа. Можноста да добијам возачка дозвола од Ц-категорија ми го олесни наоѓањето на работа.“ ̶ вели тој.

Со поддршка на менторката, Јуксен успешно ги заврши обуките за комуникациски вештини, за вештини за справување со конфликти, за рационално менаџирање со лични финансии. Дополнително беше обучен и за подготовка на кратка биографија (CV) и на мотивациско писмо и за подготовка за интервју. Јуксен се стекна и со клучната вештина за неговото идно вработување ̶ возачка дозвола од Ц-категорија.

,,Неговите лични и професионални компетенции се зајакнати и тој е мотивиран да бара работа. – велат вработените во Ресурсниот центар, коишто беа дел од програмата.

Јуксен по националност е Ром. Има завршено само основно образование. Двајцата сопружници, со години невработени, секојдневно се бореле да ги задоволат основните потреби на своите деца. Целото семејство живее во заедница со родителите на Јуксен, во мало и сиромашно домаќинство, во рурална населба на периферијата на Скопје.

Преку учество во проектот Јуксен стекна нови знаења и вештини, се стекна со квалификација за возач на камион и ја зголеми својата самодоверба.  За него се отворија нови можности и перспективи на пазарот на труд, преку кои може да обезбеди посигурна иднина за себе и за своето семејство.