29 јули 2019

Сите имаме своја вредност

Александра се вклучи во проектот за Социјална инклузија и економско зајакнување на млади, како 35-годишна самохрана мајка на две малолетни ќерки. Поради долгорочна невработеност, таа беше примател на социјална парична помош. Во Ресурсниот центар на СОС Детско село веднаш и беше доделен ментор со индивидуален пристап. Уште на самиот почеток се утврди дека таа е со намалена самодоверба и со ограничена мрежа на социјални контакти. На Александра, првенствено ѝ беа потребни психосоцијална поддршка и зајакнување на образовните капацитети и меките вештини.

Александра и нејзината менторка работеа на идентификување на нејзините јаки страни, предностите и можности. Заеднички изработија план за професионален развој што ќе ја доведе до нејзината главна цел – обезбедување стабилна работа, а со тоа и економска сигурност за неа и за нејзиното семејство.

,,Александра започна со обуки за личен и за професионален развој. Таа успешно ги помина обуките за меки вештини, кои ѝ овозможија подобрување на вештините за деловна комуникација. Ги следеше и обуките за изработка на апликација за работа и за тоа како да се однесува на интервју. Дополнително, стекна и вештини за подобро менаџирање со личните финансии, за вештини за основно компјутерско работење и за англиски јазик.“ ̶ вели нејзината менторка.

Покрај тоа, Александра помина обука и се лиценцираше за негувател и за професионален згрижувач преку лиценцираната PRIDE прoграма на СОС Детско село . Врз основа на овие обуки таа ги зголеми своите компетенции за работа со деца. Конечно сето ова ѝ овозможи успешно да се вклучи како практикант преку програмата за Општинско корисна работа на општина Гази Баба.

По завршување на шестмесечната практика, Александра доби информации од страна на својата менторка за слободни работни места. Со нова самодоверба аплицираше и успеа да се вработи на определено време во локалната градинка. Откако и заврши овој ангажман, таа, благодарение на своите нови вештини за барање работа, набрзо успеа самостојно да си најде нова работа, каде што е сеуште ангажирана.

,,Најважно е никогаш да не се откажуваме. Треба да се фокусираме на креирање позитивна слика за себе, да сфатиме дека сите ние имаме своја вредност, добри страни и капацитети.“ ̶ вели Александра откако ги помина обуките и се вработи.

Комуникацијата со менторката продолжува. Александра е чест учесник на обуките за личен развој и за надградување на своите деловни вештини. Ги зајакна своите социјални и работни вештини. И не само што е активна на пазарот на труд туку изгради и нови пријателства со свои врсници кои ги запозна во Ресурсниот центар.

,,Иако понекогаш целите изгледаат нереално, тие сепак се реални и можат да се остварат. Понекогаш можеме сами, но понекогаш е добро да се знае дека луѓето од СОС Детско село се тука за вас, да ве советуваат и да ве поддржат. Ви благодарам за сè. Се надевам дека овој проект ќе продолжи и дека ќе им даде шанса на други луѓе како мене да учествуваат и да успеат.“ ̶ вели таа.

До сега, повеќе од 350 млади ги искористија услугите за интеграција на пазарот на труд. Од нив 138 млади успешно се вработија, а се отворија и 57 мали бизниси кои успешно растат и напредуваат.

Секое невработено младо лице може да се информира како да стане корисник на услугите на овој проект.

Контакт:

Ресурсен центар- СОС Детско село

Адреса:ул. Палмиро Тољати бб,

1000 Скопје Градинка 25 Мај-Клон Искра

Телефон: +389(0)71 370 150