22 јули 2019

Остварување на сонот за продолжување на семејната традиција

Уште од најрана возраст Сами работел како чирак во дуќанот на неговиот татко, каде што научил сè за кожарскиот и за кројачкиот занает. Отсекогаш имал желба да се занимава со истиот занает како и татко му, па за да ја продолжи семејната традиција, тој одлучил да отвори сопствен бизнис за изработка и за корекција на производи од кожа, крзно и од текстил.

Бидејќи покрај силната желба немал никакви други познавања и не знаел од каде да почне, Сами аплицираше во проектот Социјална инклузија и економско зајакнување на млади во социјален ризик. Како долгорочно невработено лице со ниски примања од повремено работење, тој ги исполнуваше критериумите за учество во проектот на СОС Детско село.

Во рамките на проектот тој доби менторска поддршка при спроведување на сите планирани активности : кариерно советување, едукативна поддршка, која  се состои од обука за менаџмент на мал бизнис и за претприемаштво, и изработка на бизнис план во соработка со ментор. Исто така, доби и дополнителни обуки од областа на кроењето и на шиењето, преку кои стекна знаење за моден дизајн и за мулаж. Дополнително, доби и финансиска поддршка во форма на неповратен грант од 61.500 денари, со која набави опрема и материјали потребни за секојдневно работење.

Сами отвори работилница за кроење и за шиење облека од крзно, кожа и од текстил. Во палетата на производи вклучува продажба на кожени јакни, кожени чанти, тренерки, производи од крзно и нуди корекција на облека. Преку новонабавени машини за кроење и за шиење, сега тој може многу поквалитетно да ја извршува работата.

,,Учеството во проектот ми пружи голема поддршка за да можам да отпочнам со моето работење. Преку обуките од проектот стекнав знаење да го водам бизнисот, подобро да го планирам работењето и стекнав многу нови пријатели со коишто имам соработка.

Планирам да го проширам бизнисот на друга локација во градот Скопје. Иако се намалува бројот на занаетчии во оваа дејност поради состојбата на пазарот и поради увозот на евтина роба од странство, со квалитетно работење и со истрајност успевам да ги остварам зацртаните цели за продажба и да остварам приход. Препознатлив сум кај клиентите и ме доживуваат како прв избор за корекција на производи од кожа, крзно и од текстил.

Иако е напорно и тешко, упорноста е главна карактеристика по која треба да се водиме. Бизнисот носи многу препреки и предизвици, кои треба да се надминат само со упорност и со истрајност.“ ̶ вели Сами.

Преку формирање на бизнисот Сами се чувствува посреќен и исполнет бидејќи го работи тоа што го сака, притоа остварувајќи профит.

Во моментов Сами заедно со својот чирак успева да ги реализира проекциите од бизнис-планот за профитабилно работење. Смета дека квалитетот и упорноста се водечки фактори за успех, а овие вредности му ги пренесува и на својот чирак.

,,Иако поминувам долго време на работа, добро завршената работа, задоволниот клиент, приходите и љубовта кон дејноста ми даваат чувство на исполнетост и на среќа. Топло препорачувам на сите млади, доколку имаат идеја и знаење за работење во одредена дејност, да формираат сопствен бизнис.“ ̶ советува Сами.

До сега, повеќе од 350 млади ги искористија услугите за интеграција на пазарот на труд. Од нив 138 млади успешно се вработија, а се отворија и 57 мали бизниси кои успешно растат и напредуваат.

Секое невработено младо лице може да се информира како да стане корисник на услугите на овој проект.

Контакт:

Ресурсен центар- СОС Детско село

Адреса:ул. Палмиро Тољати бб,

1000 Скопје Градинка 25 Мај-Клон Искра

Телефон: +389(0)71 370 150