10 јули 2019

По обуките сум похрабра од порано

За проектот, за Социјална инклузија и економско зајакнување на млади, на СОС Детско село, Рамајана дознала од својата пријателка, која што веќе претходно била вклучена и поддржана како корисник. Младата 21-годишна девојка, имала завршено средно стручно училиште. Долго време била во потрага по вработување и, како долгорочно невработена, е вклучена во проектот во јуни 2017 година.
Рамајана живее во семејната куќа заедно со своите родители и со помалиот брат. Приходите во семејството се многу ниски и недоволни за задоволување на основните потреби на целото семејство.

,,Две години се обидував да најдам работа, но сето мое трагање беше без успех. Многу бев разочарана и несреќна поради тоа. Самодовербата ми беше многу намалена. Имав среќа што мојата другарка го сподели нејзиното искуство од поддршката што ја добива од СОС Детско село, па ми препорача и јас да се обратам таму.“ ̶ вели Рамајана. Рамајана во минатото нема посетено никаков курс или обука затоа што немала финансиски средства, ниту информации каде да се обрати,но таа пројави голем интерес да го надградува своето знаење.

,,Поради тоа што веќе е со зајакнати вештини за барање работа и за аплицирање за работа, Рамајана сега активно ги следи сите огласи за работа.“ ̶ вели нејзината менторка.

,,Со учеството во проектот стекнав голема доверба во работењето со мојата менторка. Се здобив со многу нови знаења и вештини, самодовербата ми се зголеми и научив да пристапувам похрабро при барањето работа и при аплицирањето за нови работни места за разлика од порано. На моите врсници, кои се невработени и имаат желба да се вработат, им препорачувам да се обратат во Ресурсниот центар на СОС Детско село, со што ќе се зголеми нивната самодоверба, ќе станат похрабри и никогаш нема да се откажуваат од остварување на својата цел.“ ̶ вели Рамајана.

Во согласност со кариерното советување и со направената проценка на нејзините компетенции од страна на нејзината менторка, во периодот од јуни до октомври 2017 година, Рамајана успешно ги посети обуките за надградување на своето знаење за англиски јазик и за административно работење на компјутери. Ги зајакна своите меки вештини преку посета на обуките за комуникациски вештини, за справување со конфликти и за пишување кратка биографија (CV) и мотивациско писмо, а со обуката за финансиска писменост таа се стекна со знаење за тоа како правилно да располага со домашниот буџет.

По успешно завршување на сите обуки, во изминатите години Рамајана смени неколку работни позиции и секој пат стремејќи се кон напредок во кариерата и започнување на подобра работа.

Таа, пак, е задоволна од досегашното искуство. Благодарна е за поддршката што ја доби од проектот и од нејзината менторка, со која што е во постојана комуникација. Во моментов таа е вработена во приватна компанија, каде што има можност да ги примени своите зајакнати вештини и стекнати знаења. Се чувствува среќно што има создаден нов круг на пријатели, кои ги стекнала на претходните работни места. Рамајана никогаш нема да се откаже од исполнување на своите цели.

До сега, повеќе од 350 млади ги искористија услугите за интеграција на пазарот на труд. Од нив 138 млади успешно се вработија, а се отворија и 57 мали бизниси кои успешно растат и напредуваат.

Контакт:

Ресурсен центар- СОС Детско село

Адреса:ул. Палмиро Тољати бб,

1000 Скопје Градинка 25 Мај-Клон Искра

Телефон: +389(0)71 370 150