4 јули 2019

Обука за интервју за работа

Интервјуто за работа е вистински предизвик кој создава несигурност и нервоза кај секого, особено кај младите и неискусни лица. За успешно реализирање на интервју се клучни подготовката и вежбањето, како и добивањето на конструктивен фидбек.

Токму ова им беше овозможено на младите невработени лица кои се дел од проектот за вработување и претприемништво на СОС Детско село.

Во Ресурсниот Центар, вчера, младите имаа можност да слушнат совети за тоа што бараат работодавачите и како најдобро да се презентираат на интервју за работа. Обуката ја изведе Горан Милошевски, искусен професионалец и менаџер за човечки ресурси во компанијата Квалитет Пром. Тој секојдневно се среќава со млади невработени лица од најразлични профили и се труди да ги привлече најдобрите кандидати да се вработат во компанијата.

Секој од учесниците имаше симулација на интервју за работа за одредена посакувана работна позиција. Комисијата ја водеше г. Милошевски, заедно со кариерните советници од Ресурсниот центар. Секој млад учесник доби можност да се стекне со искуство за тоа како е да се биде пред комисија и  како да се да се претстави себе во најдобро светло, внимавајќи при тоа и на држењето и говорот на телото, но и на презентацијата на своите јаки страни и капацитети.

Сите учесници во вежбата во оваа обука добија значаен фидбек од г. Милошевски и од тимот од Ресурсниот Центар. Ова секако ќе придонесе да бидат поуспешни на следното интервју за работа и да ја намалат нервозата и стресот од непознатото при соочување со работодавачите во следна прилика.

Ваквите, како и низа други обуки се во редовниот календар на активности во Ресурсниот центар на СОС Детско село. До сега низ нив поминаа повеќе од 380 корисници од кои 140 се веќе вработени, а дополнително се отворени у успешно напредуваат 56 мали бизниси.

Секое младо лице кое е невработено и има потреба од поддршка во процесот на барање работа, може да се јави на телефонскиот број на Ресурсниот центар – 071 370 150 или да пише во инбокс на Фејсбук страната на проектот за Социјална инклузија и економско зајакнување на млади.