17 мај 2019

Меѓународен ден на семејството

Под мотото “На секое семејство му е потребна поддршка“се одбележа Meѓународниот ден на семејството, на Филозофски Факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје во организација на Институтот за Семејни студии.

Заедно со претставниците на Институтот за Семејни студии , Доц. д-р Македонка Радуловиќ, раководител на Институтот за семејни студии, Проф. д- р Ратко Дуев, Декан на Филозофскиот факултет, Проф. д-р Никола Јанкуловски, Ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Скопје, г-дин.Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија и претставникот од Владата на Република Северна Македонија, говореше и Директорот за развој на програми на СОС Детско село Македонија г. Марио Јанчев.

Во своето обраќање г. Марио Јанчев,  ја истакна важноста на семејството како една од најзначајните и најкомплексните општествени групи. Семејството ни го дава нашиот личен идентитет, разбирањето на нашата култура и врските кои ни даваат чувство на припадност и трајност.Токму затоа ние како СОС Детско село, ставаме посебен фокус на семејно заснована долгорочна грижа за децата кои од различни причини ја загубиле можноста да растат во своите биолошки семејства. Со наша поддршка тие повторно наоѓаат сигурност, љубов и топол дом. Растат во стабилна семејна средина и добиваат континуирана индивидуална поддршка се додека не се вратат во своите биолошки семејства или станат независни млади личности.

Освен семејно заснована долгорочна грижа, како СОС Детско село, нудиме и различни форми на поддршка со цел превенција од згаснување на семејствата, нивно зајакнување и стабилизирање, така што тие повторно ќе можат да управуваат независно со сопствените животи и да се грижат за своите деца.

Во оваа прилика тој истакна :

„Програмите за зајакнување на семејства претставуваат ефикасен модел на поддршката за подобрување на компетенциите на семејствата, со посебен фокус на родителските вештини и поддршка на заедниците за зајакнување на нивната способност да се само-организираат и преземат целосна одговорност за добросостојба на децата.

СОС Детско село, исто така, ја темели својата стратегија 2030 на целите за одржлив развој. Низ нашата работа секојдневно придонесуваме кон заложбата на владата на Република Северна Македонија во насока на остварување на 4 четири специфични цели:

  • да се стави крај на сиромаштијата во сите форми;
  • да се обезбеди инклузивно, правично и квалитетно образование;
  • да се промовира инклузивен и одржлив економски раст, целосно и продуктивно вработување и достојни работни места за сите;
  • да се промовираат мирни и инклузивни општества за одржлив развој, да се обезбеди пристап до правда за сите и да се изградат ефективни, отчетни и инклузивни институции.

Силно веруваме дека овие заеднички напори значително ќе влијаат Република Северна Македонија да даде квалитетен придонес во остварување на Глобалните цели за одржлив развој кон што стреми големото европско семејство.“

На секое семејство му е потребна поддршка бидејќи единствено здраво семејство е предуслов за здраво потомство и развиено и просперитетно општество.

Нека ни е честит Меѓународниот ден на семејството!