Тип на донација
Сума

или

20 godini sos detsko selo

13 октомври 2022

20 ГОДИНИ ТОПОЛ ДОМ И ГРИЖА ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ- 20 ГОДИНИ СОС ДЕТСКО СЕЛО

Изминаа 20 години од првите почетоци на СОС Детско село Македонија.

20 години исполнети со многу успеси, трансформации и промени, многу предизвици, многу недоумици и тешки одлуки.

Од 2002 година со отворање на првата програма за Згрижување на деца и млади без родителска грижа и првото згрижено дете до денес, прераснавме во сериозна организација која е овластен и лиценциран давател на социјални услуги, важен чинител во развојот на социјалната заштита, двигател на промени, пионер во нови практики и синоним за квалитет во алтернативната грижа и иновативни програми во нашата држава.

jubilej

Денес, со особена гордост го прославуваме овој 20 годишен јубилеј, исполнет со многу посветеност, упорност и напорна работа, на што сите ние сме особено горди.

Во споредба со минатото, нештата во сегашноста изгледаат многу поинаку, но нашата мисија остана иста – СЕКОЕ ДЕТЕ ИМА СЕМЕЈСТВО И РАСТЕ СО ЉУБОВ, ПОЧИТ И СИГУРНОСТ!

СОС идејата во Република Македонија започна во не многу далечната 1998 година, кога Интернационалната организација СОС Киндердорф Интернационал со седиште во Австрија и Владата на Република Македонија, потпишаа договор за поддршка и имплементација на оваа алтернативна форма за згрижување на деца без родители и родителска грижа.

Набрзо, се поставиле темелите и направиле првите чекори и да се отворат вратите за овој нов модел на згрижување на деца без родители и родителска грижа, кој само за неколку години стана препознатлив по својата уникатност и најдобрата опција за згрижување на деца во нашата земја.

Здружението СОС Детско Село Македонија во 2001 година стана членка на интернационалната организација СОС Киндердорф Интернационал и со тоа стана полноправна членка на големото семејство на СОС ДЕТСКИ СЕЛА во 136 земји во светот.

julijana gapo

„За овие 20 години го променивме животот на 376 деца и млади без родители и родителска грижа,  помогнавме над 100 млади за предизвиците во животот, 76 млади на патот кон осамостојување, 1200 деца помогнати во семејства со високи социјални ризици, подржани над 70 самовработувања преку сопствени бизниси, 800 млади со зајакнати вештини за вработување и обезбедени 100.000 услуги за деца за време на бегалската криза.“ – изјави Јулијана Накова Гапо, Национален директор на СОС Детско село.

И покрај се тоа не е доволно !

Не чекаат уште многу нови предизвици, нови јубилеи и многу работа за да ја оствариме нашата крајна цел НИТУ ЕДНО ДЕТЕ ДА НЕ РАСТЕ САМО !

20 godini sos detsko selo pretsedatel upraven odbor

„Ја користам приликата да им се заблагодарам на оние кои ги поставија темелите и основите за СОС Детско Село да се придвижи во вистинска насока и да се развие во организација која денес поседува огромен потенцијал и ресурси, како од аспект на стручност и експертиза, така и од аспект на препознатливост на брендот, обезбедување на приходи, партнерства со државата и други институции, богато портфолио со бројни проекти, силен менаџмент и стабилно управување. Ми претставува особена чест, што денес имам можност да ја водам оваа организација!“-  изјави Александар Трајковски, Претседател на Управниот одбор на СОС Детско село.

Голема благодарност на основачите на Здружението на граѓани, кои имаа визија дека нивниот влог ќе прерасне во едно големо движење кое околу себе ќе привлече многу индивидуалци, компании, заедници и мотивирани вработени, што денес, резултира со променети животи на многу деца, млади и семејства. Голема благодарност до: Владанка Давковска, Илија Рајчановски, Лилјана Кимова, Иван Двојаков, Ацо Симоновски, Владимир Туџаров, Филип Ѓурчиновски, Станислав Петковски, Јасмина Митева, Бојан Јанев, Тодор Стојановски, Славка Манева, Љупчо Николовски, Владимир Димовски и Стојче Јанев.

generalno sobranie 20 godini sos detsko selo

Благодарност и до сите  претседатели на Здружението на граѓани СОС Детско Село во овие 20 години, кои имаат огромна заслуга за сите фази на развој на организацијата – Лилјана Кимова, Илија Рајчановски, Калина Андреева, Владанка Давковска, Зорица Серафимовска-Арсовска и Славица Спироска.

Искрена благодарност и до сите  посветени и мотивирани членови на Управниот одбор и на Генералното собрание, кои во континуитет, со огромен ентузијазам и искрена љубов, ги вложуваат своите лични и професионални капацитети во развојот на организацијата. Сите вработени, сите донатори и соработници, и сите поддржувачи на мисијата на СОС Детско село кои континуирано помагаат денес да сме горди и задоволни и да ги прославиме нашите 20 години успешно работење!

НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ ЈУБИЛЕЈОТ!