23 јуни 2020
Под мотото „Едно семејство”, денес во нашиот двор пуштивме сини и бели балони и на симболичен начин го прославивме нашиот роденден, воедно го одбележавме и Меѓународниот ден на СОС Детски села во светот.
За овие 19 години посветеност, создадовме топол дом, љубов и грижа за 200 деца без родители и родителска грижа, поддржавме повеќе од 60 млади без родители и родителска грижа, а на почетокот на нивниот независен живот бевме тука за вкупно 35 млади лица. Досега поддржавме и 313 семејства во социјален ризик со вкупно 911 деца, помогнавме на 470 млади невработени лица, поддржавме 56 мали бизниси и вработивме 155 лица.
Досега, остваривме соработка со повеќе од 50 институции и организации, а нашата работа и мисија ја поддржаа над 300 компании и стотици граѓани кои заедно со нас помогаат да се сменат многу животи. Изградивме јаки и амбициозни млади луѓе кои денес се студенти, вработени или имаат свои бизниси.
‘’Правото на семејство и правото на инклузија се едни од основните права на детето и се наоѓаат на високо место на агендата на Обединетите нации, како осма цел од Целите за одржлив развој за 2015 – 2030. Во нашата држава, децата кои се во социјален ризик, како и нивните семејства, децата и младите без родители и родителска грижа, честопати се лишени од ваквите права. Затоа, денес, кога сите ние се соочуваме со предизвикот од пандемијата на коронавирусот, да се обединиме во духот на солидарноста и хуманоста и да не забораваме дека токму сега сме уште поодговорни да ги обезбедиме основните права на овие деца, нудејќи им топол дом, љубов, грижа и сигурност’’ – изјави нашиот Национален директор, Јулијана Гапо.
СОС Детско село како дел од меѓународната мрежа на СОС Детски Села Интернационал, присутна во 136 земји во светот е посветена на заштита и примена на детските права. Нашата работа ја започнавме активно во 2001 година и досега имаме поддржано над 1200 деца без родители и родителска грижа, 500 млади и над 300 семејства во големи социјални ризици. Остануваме посветени на нашата работа со цел ’’НИТУ ЕДНО ДЕТЕ ДА НЕ РАСТЕ САМО “.
Назад кон сите новости