6 ноември 2018
Под мотото „10 години љубов и грижа“, и покровителство на сопругата на Претседателот на Република Македонија, Г-ѓа Маја Иванова, на 02.11.2011 во Македонската Опера и Балет нашата организација свечено ја прослави својата десетгодишна работа во Република Македонија. На свеченоста присуствуваа претставници од дипломатскиот кор, владиниот и невладиниот сектор, медиуми и многу пријатели и поддржувачи на мисијата на СОС Детско село.
На почетокот присутните во салата ги поздравија, Претседателката на Управниот Одбор г-ѓа Владанка Давковска која направи осврт на десетгодишната работа на организацијата, како и Регионалниот Директор г-ѓа Керолајн Тејлор. Имавме особена чест Првата Дама на Република Македонија г-ѓа Маја Иванова да биде почесен покровител на настанот, која се обрати на гостите:
„Благодарение на грижата и поддршката во СОС Детското село, децата и младите ја добиваат топлината на семејниот дом, добиваат топол мајчински збор, нега кога се болни, сочуство во тешките моменти, совети за првите симпатии и љубови. Таму децата наоѓаат место каде своето детство ќе го поминат безгрижно, низ смеа и песни, со по некој детски плач, но дом кој секогаш е исполнет со пријатната мелодија на детскиот џагор“ – истакна г-ѓа Иванова. Говор одржа и Министерот за Труд и Социјална Политика, г-динот Спиро Ристовски нагласувајќи ги големото значење и придонесот кој нашата организација го прави на полето на социјална заштита и превенција во земјата. Воедно, беа доделени и плакети за посебни заслуги на поединци, институции и организации како и на претставници на бизнис секторот и донаторите кои ја поддржуваат нашата работа и овозможуваат одржување на стандардот на квалитетна грижа по која нашата организација е препознаена во земјава. Меѓу нив се најде и првата СОС мајка, која низ годините под своја закрила овозможи топол дом и грижа на повеќе од десет дечиња. На настанот, освен официјалниот дел, имаше и уметничката програма исполнета од страна на талентираните деца од СОС Детско село и други гости и уметници, пријатели на нашата организација, како и едно изненадување од страна на компанијата Шевролет која по повод своето стогодишно постоење на Детското село му подари автомобил Шевролет Спарк. Клучевите од новиот автомобил на Националниот директор на СОС Детско село г-ѓа Јулијана Накова Гапо и беа доделени од страна на претставникот на Шевролет за Македонија и Србија господинот Миле Иванов.
Назад кон сите новости